Град Скопје: Итно го прекинавме финансирањето на извидничкиот одред

 

„Град Скопје обезбедува финансиска поддршка на многу манифестации и проекти од областа на образованието, социјалата, културата, спортот, но на никој начин не е вклучен во организацијата на тие проекти. По вчерашната објава и информации итно го прекинавме финансирањето на споменатиот извиднички одред. Бараме од институциите на правдата да направат истрага бидејќи тоа е во нивна надлежност“-вака реагираат од Град Скопје, во врска со прес-конференцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во која портпаролката на партијата, Марија Митева истакнува „Градот Скопје со Шилегов наместо проекти за скопјани, финансира здруженија кои се сомничат за педофилија“.

„Ваквите прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ и поигрувањето со чувствата на загрозените ученици и родители, покажува само отсуство на почит и разбирање кон жртвите и во тешките моменти во коишто се наоѓаат, па уште и дополнително ги злоупотребуваат за дневен политички профит.мОчигледно, ВМРО-ДПМНЕ нема никаква почит кон загрозените деца и родители и продолжува овој немил настан да го користи за дневни политички поени, затоа Град Скопје уште еднаш апелира да не се политизира овој случај да се покаже разбирање и почит кон загрозените ученици и родители, во овие тешки моменти во коишто се наоѓаат“-стои во реакцијата на Град Скопје.

Инаку, Прв Скопски Извиднички Одред е суспендиран од Сојузот на извидници. Сојузот на извидници изразува загриженост за настаните за кои се пишува во изминатите денови, истакнаа во денешното соопштение во медиумите, во кое истовремено го осудуваат секое непрофесионално медиумско известување со кое неосновано се нарушува угледот на извидничката организација како целина.

-Сојузот на извидници на Македонија во изминатите денови вложи сериозни напори да се воздржи од коментирање на сензационалистичките објави на речиси сите медиуми во државата во врска со наводни скандалозни активности на извиднички камп. Целта на ваквиот пристап е овозможување на надлежните државни органи и институции самостојно, независно, непристрасно и непречено, со согласност со нивните законски надлежности, да ги расветлат сите факти поврзани со случајот. Истовремено, единственото соопштение на СИМ со кое се осудуваат било какви акти на вознемирување и се повикува на целосно расчистување на случајот помина речиси незабележано во јавноста. Сепак, поради огромниот број на медиумски наслови и “стории” кои содржат очигледни намери за генерализирање на настанот и дискредитирање на извидничката организација, принудени сме да реагираме со вакво соопштение, со цел барем во одредена мера да ги ублажиме непроценливите штетни последици кои се предизвикани по извидништвото, како резултат на безмилосниот натпревар помеѓу медиумите за максимизирање на бројот на гледачи, слушатели и посетители, се вели во нивното соопштение.

„Заради претпазливост и независност на активностите за расветлување на настанот, Старешинството на СИМ, во согласност со одредбите од Статутот на Сојузот, донесе одлука за привремено оддалечување од активностите, односно суспензија на Прв Скопски Извиднички Одред, од Сојузот на извидници на Македонија. Конечна одлука во однос на евентуалните дисциплински мерки ќе донесе Собранието на СИМ врз основа на резултатите од преземените дејствија за истражување на случајот“-додаваат во соопштението.

02.10.2021 - 12:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега