Град Скопје бара oд надлежните да се пломбира фирмата во Визбегово каде вчера се запали машината за мелење на железо и се предизвика пожар видлив од секој дел на метрополата. Градоначалникот Ѓорѓиевски за Сител вели дека тоа ќе биде порака и за сите останати фирми да го почитуваат законот.
„Наше мислење и на службите беше да се пломбира и да се затвори тој објект и мислам дека тоа ќе биде за во перспектива добра порака да внимаваат и сите останати. Зошто? Ако таму имаше добра хидрантска мрежа, ако таму се работело по план, ако внимавале повеќе ете никој не сакал да се случи немил настан. Но, ако внимавањето било на повисоко ниво и ако некој размислувал како сето тоа ќе влијае на животната средина, немаше да се случи тоа што се случи вчера“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
Освен плацот во Визбегово, под лупа се ставени сите слични капацитети во градот.
Денеска започнуваат вонредни контроли на сите отпади и депонии во Скопје. Надлежните со став дека сите кои не работат според законот ќе бидат санкционирани.
На агендата инспекторите имаат 10-тина објекти, како фирмата во која вчера избувна пожар кој ги вознемири скопјани.
„Два тима од инспекцијата на Град Скопје составени од инспектори за животна средина по план веќе од денес постапуваат со сериозни контроли и инспекции на целата територија на Град Скопје. Знам дека за денеска им е планот да опфатат 10 објекти такви. Ќе зачестат контролите и во наредниот период. Значи сите ќе бидат мета на проверка и на редовна контрола, што значи дека откако ќе се направат контролите ќе следи извештај, но и централните институции од коишто ќе побараме нивна реакција доколку има потреба и нели нормално доколку се забележат неправилности во некои од случаите“, додаде Ѓорѓиевски.
Во меѓувреме, пожарникарите ги гаснат последните жаришта на плацот во Визбегово, се до негова целосна ликвидација. Трае и вонредниот надзор на инспекторите од животна средина, чиј извештај ќе покаже дали фирмата се придружувала кон дозволата и условите.
За случајот се известени обвинителството и МВР кои ќе утврдуваат евентуална одговорност кај сопственикот на плацот за хаварисани возила. Токму неговиот склад лоциран од спротивната страна на улицата, се запали во јули минатата година. Обвинителството тогаш поднесе обвинение против тројца сопственици, меѓу кои и сегашниот, за незаконско складирање токсичен отпад што доведе до сериозно загадување на воздухот и штета по здравјето на граѓаните.


