Граничниот премин Евзони (Богородица), по околу двочасовна блокада, повторно е отворен за влез и излез од Грција. Сепак, не е исклучена можноста попладнево преминот одново да биде затворен на неколку часа, како што се случуваше во изминатите два дена.

Земјоделците од Пеонија, кои кратко по 12 часот повторно го затворија преминот, ја одржуваат својата тактика: не ги најавуваат блокадите. На грчката страна остануваат паркирани околу 150 трактори и земјоделски возила, а надлежните комисии на дневни состаноци одлучуваат за времето на блокадите.

На граничниот премин Кипи кон Турција, паркирани се околу 200 трактори, при што е затворен сообраќајот за камиони.

Во поширокиот регион Тесалија, вклучени се над 4.000 трактори кои блокираат на неколку места на автопатот Солун-Атина.

Претпладнево имало обид за блокада и на граничниот премин со Бугарија.

Протестите започнаа во неделата, а земјоделците најавија постепено интензивирање до 5 декември. Засега нема информации до кога ќе траат.

Exit mobile version