Реновирањето и модернизацијата на градскиот водоводен систем во Гостивар, проект кој се реализира со финансиска поддршка од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и Германската развојна банка (KfW), е доведен до самиот финиш и е реализиран со околу 98 проценти. Ова денеска го соопштија од Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар, отфрлајќи ги како неосновани написите во дел од медиумите дека инвестицијата пропаднала.

Од комуналното претпријатие нагласуваат дека располагаат со целосна техничка и правна документација со која се потврдува обемот на сите досега изведени градежни зафати.

Како што посочуваат од таму, сите активности се одвивале под засилена контрола на стручни лица и овластени изведувачи.

Преку официјално соопштение, од ЈП „Комуналец“ ги презентираат сите детали за досегашната реализација на терен:

„Градежните и техничките работи не ги изведуваше ЈП ‘Комуналец’, туку договорно ангажирани изведувачи, согласно одобрена проектна документација и под двоен стручен надзор. Според документацијата и информациите со кои располага ЈП ‘Комуналец’, околу 98 проценти од предвидените работи се реализирани и тестирани. За изведените активности постојат технички записи, извештаи и видео документација. Поради тоа, не е основано целиот проект да се прикажува како нереализиран или како инвестиција без резултат“, велат од ЈП „Комуналец“ – Гостивар.

Две години се чека согласност од ЈП за државни патишта за уште 600 метри

Од претпријатието реагираат дека за финално ставање во функција на целиот систем недостигаат уште само 600 метри од трасата. За овој последен дел, како што алармираат оттаму, институционалните лавиринти го кочат завршувањето на проектот веќе цели две години.

Како што објаснуваат од гостиварското претпријатие, пречката е од административна и правна природа:

„За целосно оперативно поврзување на системот останува да се изведат работи на околу 600 метри од трасата, на дел за кој е неопходна согласност од Јавното претпријатие за државни патишта. Иако барањето за согласност е поднесено пред околу две години, таа сè уште не е издадена. Без ова одобрение, не постои законска можност да се продолжи со изведбата на тој дел од трасата. Овој факт е суштински за разбирање зошто системот сè уште не е целосно ставен во функција. Затоа е потребно јасно да се разграничи изведбата на проектот од административните и институционалните пречки што го одложуваат неговото завршно поврзување“, велат од претпријатието.

Exit mobile version