Вкупно девет пожари на отворен простор се регистрирани денеска до 13 часот, при што пет се сè уште активни, три се ставени под контрола, а еден е целосно изгаснат, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активните жаришта се лоцирани во пет општини. Во Македонски Брод, кај местото Видуш во близина на селото Драгов Дол, гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки. Пожар е активен и во општина Студеничани, над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде што е зафатена мешана шума.

Сува трева и ниска вегетација гори во населбата Илинден, како и кај селото Букри во Битола. Во општина Желино, во близина на селото Чифлик, со огнот се опфатени ниска вегетација и мешана шума.

Од ЦУК информираат дека под контрола се ставени пожарите кај градската депонија во Делчево, кај Ново Село на планината Огражден, како и кај селото Зајас во Кичево, каде што беа зафатени стрниште, борова шума и гуми.

Целосно е ликвидиран пожарот во селото Врањовце, општина Врапчиште, каде што гореше ниска вегетација.

Exit mobile version