Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 7:30 часот утрово на територијата на државата биле евидентирани 29 пожари на отворен простор. Од нив, два сè уште се активни, додека останатите 27 се ставени под контрола и изгаснати.
Активни остануваат пожарите во Општина Кавадарци, во реонот меѓу селата Раец и Ќесендре, каде гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и во Општина Прилеп, на улицата „Дебарска“ кај месноста Теке, каде пожарот е на подрачје на депонија. Од останатите три правци во Прилеп, пожарите се изгаснати.
Според податоците на ЦУК, во текот на изминатото деноноќие биле локализирани и изгаснати пожари на повеќе локации низ земјава, меѓу кои во скопските општини Бутел, Шуто Оризари, Аеродром и Сарај, како и во Сопиште.
Пожари биле регистрирани и во повеќе општини низ државата – Битола, Новаци, Крушево, Василево, Охрид, Кичево, Струга, Македонски Брод, Велес, Росоман, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Брвеница, Јагуновце, Тетово, Теарце и Карбинци.
Најголем дел од интервенциите се однесувале на пожари на ниска вегетација, стрништа, депонии и отпад, а на некои места биле зафатени и земјоделски површини и овошни насади.


