Горан Мисовски: ВМРО-ДПМНЕ го промаши возот за НАТО, за жал и за европската интеграција

Поттикнувањето на интермакедонската омраза произлегува од безидејноста на опозицијата, која е свесна дека дека ја губи поддршката кај проевропските сили во општеството и кај меѓународната заедница, вели во интервју за Прес 24, Горан Мисовски, претседател на НСДП.

Според него птпочнувањето на преговорите со Европската унија, скринингот и идните реформи значат помал маневарски простор за радикалните сили, но и за криминалното миље, структури на кои не им одговара прогресот и зголемениот фокус во сферата на владеењето на правото, на правдата и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

-Тезата за наводна бугаризација е теза која се користи за дневнополитички напади кон владеачката гарнитура, во период на безидејност на опозицијата и гола блокада во Собранието, без конкретни предлози за решавање на најгорливите прашања на граѓаните, вели Горан Мисовски во интервјуто за Прес 24.

Тој смета дека референдумот нема ништо значајно да промени, а може да ги охрабри радикалните сили во државата и дополнително да ги засили поделбите во општеството.

-Вистинската намера на опозицијата, референдумот да го искористи во политички цели за проверка на нивната поддршка, а не во насока на зајакнување на државната политика на прогрес и чекорење напред кон Европската Унија, пред се заради стандардите кои ги промовира и бара заедницата на модерни европски демократски држави, во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, вели Мисовски.

Горан Мисовски од неодамна е нов лидер на НСДП. Беше избран на Конгрес на кој се судир меѓу него и поранешниот претседател на НСДП, Тито Петковски.

- Политичар кој оставил белег во политичкиот и државен живот на нашата држава. Лично сметав дека требаше да си замине во политичка пензија на подостоинствен начин. Секој кој што се занимава со политика сам одлучува како ќе ја практицира. Жалам за изборот, но тоа е легитимно право на секој човек, вели Мисовски во ингтервјуто за Прес 24.

Според него во НСДП се случил судир на два концепти за иднината на партијата.

-Како ќе се позиционира идеолошки, во коалицијата на власт, но и клучниот момент кадровски како ќе се екипира, како да се привлечат нови членови и симпатизери на партијата и кој е тимот кој ќе ја раководи, но и механизмите на внатрепартиската отчетност и конкретизирање на обврските на партиските функционери и функционерите во државната и локална власт од НСДП.

Победи концептот од Програмата која ја поднесов, вели во интервјуто за Прес 24, Горан Мисовски, претседател на НСДП.

ПРЕС24: Илинден е најголемиот национален празник на Македонија. Но од замислен симбол на обединување, изминативе 30 години полека, сигурно се претвори во ден на внатремакедонска нетрпеливост. Годинава се чини дека таа меѓунационална, меѓупартиска поделеност го достигна врвот. Зошто тоа го дозволивме?

МИСОВСКИ: Најголемиот национален празник „2 Август - Илинден“ сметам дека државните институции и граѓаните достоинствено го одбележаа во Крушево, Скопје и Пелинце. За првпат по многу години државниот празник беше одбележан и во манастирот „Св.Прохор Пчински“, местото на кое се одржа Првото заседание на АСНОМ и беа удрени темелите на македонската државност, а високата државна делегација, како што е познато за јавноста, беше предводена од претседателот на државата Пендаровски. Исто така, лидерот на најголемата партија од албанскиот кампус г.дин Али Ахмети се поклони на споменикот на Мечкин камен во Крушево, што е позитивен гест и почит кон државноста.

Стратешки интерес на Република Северна Македонија е да биде дел од големото европско семејство, како што стратешки и безбедносен интерес беше да станеме членка на НАТО. Жалам што Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ не го почувствуваа моментумот кога навистина требаше да се обединиме за овие стратешки цели. Дали тоа беше одлука на Мицковски или диктат од некого од надвор тоа е нешто што ќе треба тој да го одговори, а и времето ќе покаже кој за што се залагал!? ВМРО-ДПМНЕ го промаши возот за НАТО, за жал и за европската интеграција, единствено што им остана е да шират хистерија, да глумат патриоти. И сето ова го прават, за жал, за сочувување на некакво единство внатре во партијата, свесно или несвесно го делат народот и го дефокусираат од европскиот пат.

Јас сум убеден дека исто како и одлуката што ја донесовме за НАТО, така и сега со прифаќањето на „Предлогот на француското претседателство со ЕУ“ оваа генерација на одговорни политичари, пратениците и Владата ќе бидеме запишани на позитивната страна на историјата.

Визијата на секој политичар треба да биде во насока на обезбедување на подобри услови за живот на идните генерации. Затоа одлуката ја сметам за државнички чин, со кој добиваме јасна формулација и потврда на македонскиот јазик и идентитетски белези. Поттикнувањето на интермакедонската омраза произлегува од безидејноста на опозицијата, која е свесна дека дека ја губи поддршката кај проевропските сили во општеството и кај меѓународната заедница. Настапите од позиција на вмровската идеологија „колку полошо во општеството и колку повеќе поделби и раздор помеѓу народот“, подобро за Мицковски затоа што на тој начин ја обезбедува фотељата во партијата, без разлика на цената што народот би ја платил. Тој е свесен дека и во неговата партија и во дел од раководството и кај членството има структури кои што ги поддржуваат европските интеграции на државата.

ПРЕС24: Една од причините за високиот степен на нетрпеливост, што на моменти поминува можеби и во интермакедонска омраза, е последната владина одлука да го прифати Францускиот предлог, со кој беа до еден степен деблокирани македонските евроинтергации. Дали тоа беше државнички, или единствен избор?

МИСОВСКИ: Имајќи го во предвид политичкиот моментум во кој се наоѓа Република Северна Македонија, исправена пред стратешки предизвици од кои зависи иднината и правецот во кој ќе се движи државата, Извршниот одбор на НСДП ставајќи го државниот интерес во преден план, студиозно и аналитично го разгледа предлогот и донесе одлука во интерес на иднината, во интерес на демократскиот и економски развој на државата, во интерес на меѓународното етаблирање и геостратешко позиционирање на државата, одлучи да го прифати компромисниот „Предлог на Француското претседателство со ЕУ“ за решавање на спорот со Република Бугарија и отпочнување на преговорите со Европската Унија. Овој компромисен предлог е во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство, и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија од август 2017 година и Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции од јули 2021 година. Со овој предлог македонскиот јазик како најбитен идентитетски белег станува рамноправен јазик во Европската Унија и целокупната правна документација на Европската Унија ќе биде преведена на кодифицираниот македонски јазик, a македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици на Европската Унија.

НСДП при градењето на ставот особено го почитуваше ставот на научната и стручна јавност, како на Советот за македонски јазик (СМЈ), кој го донел следниот заклучок: “Точките поврзани со статусот на македонскиот јазик покажуваат дека самостојноста и оригиналноста на македонскиот јазик се испочитувани и дека македонскиот јазик станува еден од официјалните јазици во Европската Унија.“

ПРЕС24: Реално голем дел од јавноста, но пред се експертската и политичката, е против ваквиот пат кон ЕУ. На што се должи тоа?

МИСОВСКИ: Не се согласувам дека голем дел од јавноста е против ваквиот пат кон ЕУ, впрочем и референдумот во 2018 година и парламентарните избори во 2020 година покажаа дека најголем дел од населението е за овој пат кон прогресот. Мислам дека се работи за перцепција која сакаат да ја наметнат партиите во опозиција и експертите кои критички делуваат против политиките на оваа владеачка гарнитура со цел да се креира јавно мислење за да предизвика политичка нестабилност која ќе доведе до предвремени избори, на кои тие сметаат дека би победиле. Отпочнувањето на преговорите со Европската унија, скринингот и идните реформи значат помал маневарски простор за радикалните сили, но и за криминалното миље, структури на кои не им одговара прогресот и зголемениот фокус во сферата на владеењето на правото, на правдата и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

ПРЕС24: Една од тезите кои се најгласни во јавноста е дека Македонија на овој начин свесно прифаќа процес на бугаризација, ако сака некогаш да стане членка на ЕУ?

МИСОВСКИ: Тезата за наводна бугаризација е теза која се користи за дневнополитички напади кон владеачката гарнитура, во период на безидејност на опозицијата и гола блокада во Собранието, без конкретни предлози за решавање на најгорливите прашања на граѓаните. Партиите во владеачката коалиција, без исклучок дали се од македонскиот или албанскиот кампус, како и партиите на помалите етнички заедници едногласно застанаа во потврда на мекедонскиот литературен јазик и идентитет за кои нема да се преговара со никој. Македонскиот јазик и идентитет се меѓународно признаени и потврдени и тоа не треба да биде грижа на граѓаните.

Низ процесот на преговори само дополнително ќе се етаблира македонскиот јазик, кој ќе стане еден од службените јазици на Европската Унија и целокупното европско право ќе биде преведено на македонски јазик, на него ќе се говори во институциите на Европската Унија рамноправно со јазиците кои се користат во моментот.

ПРЕС24: Колку реално таа теза за бугаризација е мит, а колку реален предизвик исправен пред Македонија?

МИСОВСКИ: Бугаризација нема да има, тоа е мит наметнат од опозицијата и радикални структури кои се против зачленувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија, а можеби се поддржани и од странски сили на кои не им одговара стабилност на Западен Балкан и негова интеграција во ЕУ и НАТО. Можам да Ве уверам дека ќе има бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал, реформи во државата и креирање на јавни политики во интерес на граѓаните. Градиме добри односи со сите соседи, пример е регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, решени се билатералните прашања, отворени се преговори со Европската унија и не чека многу работа и реформи. Тоа е она што го очекуваат граѓаните од нас како одговорни политичари и партии.

ПРЕС24: Опозицијата сега заговара Референдум. Иако засега прашањето е непознато, сепак според најавите таквиот референдум би требало да биде задолжителен и дополнителен. Дополнитеон во смисла на тоа што веќе е донесена одлуката за прифаќање на францускиот предлог. Води ли тој процес во сериозна политичка криза?

МИСОВСКИ: НСДП е изрично против спроведување на референдум. Сметаме дека референдумот нема ништо значајно да промени, а може да ги охрабри радикалните сили во државата и дополнително да ги засили поделбите во општеството кои не се потребни во момент кога ги отворивме преговорите со Европската Унија и следи скринингот. НСДП е против идејата за спроведување на референдум за прашања за кои државата усвоила стратешки документи во 90тите години и целокупната државна политика и реформи во изминатите 30 години се во насока на исполнување на критериумите за зачленување во ЕУ и НАТО.Сметам дека нема да има сериозна политичка криза со најавата на можен референдум. Владата и парламентарното мнозинство обезбедуваат и ќе обезбедат стабилност и извесност на спроведувањето на реформите и реализација на програмските приоритети заради кои партиите на власт ја добија поддршката од граѓаните.

ПРЕС24: Колку референдумот би бил политичка проверка на силите пред евентуалниот предвремени, или редовни избори?

МИСОВСКИ: НСДП и јас како претседател сметаме дека тоа е и вистинската намера на опозицијата, референдумот да го искористи во политички цели за проверка на нивната поддршка, а не во насока на зајакнување на државната политика на прогрес и чекорење напред кон Европската Унија, пред се заради стандардите кои ги промовира и бара заедницата на модерни европски демократски држави, во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат референдумот да го искористат како алатка, поточно анкета на државен трошок за да го проверат мислењето на народот за нивните, за нас, ретроградни политики и тоа не треба да го поддржат граѓаните, јавноста претставена преку медиумите и невладиниот сектор, но и партиите од владеачката коалиција.

НСДП има јасен став во врска со евентуални предвремени избори, кои за нас се непотребни во време на енергетска, економска и здравствена криза. Владата има јасен мандат и програма која треба да ја реализира и да се посвети на политики за решавање на проблемите кои произлегуваат од кризите, но и обврските кои произлегуваат од скринингот. Зад Владата стои стабилно парламентарно мнозинство кое ефективно носи закони и покрај активната блокада на опозицијата. Ова владеачко мнозинство треба да ја прекине праксата на ВМРО-ДПМНЕ на организирање на предвремени избори и да се стабилизира државата влегувајќи во циклус на редовни избори на секои 4 години, време потребно да се реализира политичка програма заради која е добиен мандат од граѓаните.

ПРЕС24: Без разлика на тоа како и дали ќе има Реферндум. Пред владеачкото мнозинство стои предизвикот за уставни измени, без кои нема да може да биде отворено првото поглавје. Како да се стаса до 80 пратеници, особено ако јавноста го има искуството од 2019, нешто што сега веројатно тешко би се повторило?

МИСОВСКИ: Како што знаете Собранието донесе обврзувачки заклучоци за актуелната и било која следна Влада, во однос на тоа како треба да ги водат преговорите со Европската унија, заклучоци кои ги штитат државните позиции за македонскиот јазик и македонскиот идентитет и од кои се обврзувачки, а се на линија на Резолуцијата која ја донесе Собранието во јули 2021 година. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ има доволно време да ги корегира своите ставови во соработка со прогресивните десничарски политички кругови во Европа, додека трае скринингот да сфатат дека ова е исправниот пат и дека на прашањето на европските интеграции треба да се изгради повисок национален консензус.

ПРЕС24: На конгресот станавте лидер на НСДП. Многу обвинувања. Што всушност се случи во НСДП?

МИСОВСКИ: -Да, на Петтиот конгрес на НСДП со голема поддршка од општинските организации и делегатите на конгресот бев избран за претседател на НСДП, во внатрепартиска постапка и дебата, но и во отворена постапка пред медиумите и јавноста.

Во НСДП се случи судир на два концепти за иднината на партијата, како ќе се позиционира идеолошки, во коалицијата на власт, но и клучниот момент кадровски како ќе се екипира, како да се привлечат нови членови и симпатизери на партијата и кој е тимот кој ќе ја раководи, но и механизмите на внатрепартиската отчетност и конкретизирање на обврските на партиските функционери и функционерите во државната и локална власт од НСДП. Победи концептот од Програмата која ја поднесов, сеопфатен документ подготвен во консултација со членовите и општинските организации на партијата и луѓето кои застанаа зад мојата кандидатура, кој беше понуден на делегатите. Истата е јавно достапна на сајтот на партијата, со конкретни мерки,  активности и визија каде ја гледаме НСДП за четири години. Јас и тимот кој ме поддржуваше водевме позитивна кампања, без ниски удари, со програма сконцентрирана кон доближување до членството и презентирање на истата пред делегатите и добивање на довербата врз основа на политички концепт, кој го поддржаа делегатите и денес имаме можност да го реализираме.

ПРЕС24: Како од најблизок човек на Тито Петковски, застанавте еден наспроти друг?

МИСОВСКИ: Во однос на релациите со поранешниот претседател на НСДП г-дин Тито Петковски, сакам да истакнам дека тој е основач и идеен творец на НСДП. Со своето политичко делување на македонската политичка сцена е потврден како една од најмаркантните личности. Политичар кој оставил белег во политичкиот и државен живот на нашата држава. Лично сметав дека требаше да си замине во политичка пензија на подостоинствен начин. Секој кој што се занимава со политика сам одлучува како ќе ја практицира. Жалам за изборот, но тоа е легитимно право на секој човек. Во НСДП имаше демократска борба пред веќе одржаниот 5 Конгрес на партијата и за одредени прашања, пред се околу визијата како треба да расте, да се развива и позиционира партијата точно е дека со Тито Петковски имавме разлики и делегатите на конгресот го прифатија концептот кој го застапував јас и партиските другари кои ме поддржаа во внатрепартиската дебата.

ПРЕС24: НСДП од основањето имаше неколку кризни ситуации. Која е иднината на партијата сега?

МИСОВСКИ: НСДП е партија која 2023 година ќе го слави полнолетството, 18 години од основањето, и тој факт сам по себе говори дека идејата за основање на партијата со идеолошкиот профил фатила корен на политичката сцена и сме значаен фактор во политичко-општествениот живот во државата.

И покрај неколкуте кризи од основањето НСДП опстои на политичката сцена, е парламентарна политичка партија, со значајни државни позиции во законодавната и извршната власт, што овозможува спроведување на политиките од идеолошката платформа, како и од програмите и стратешките документи кои ги утврдиле органите на партијата. Исто така застапена е и во локалната самоуправа, во советите на општините и град Скопје, каде членовите на советите од НСДП даваат значаен придонес кон креирањето на локалните политики во општините каде што се дел од владеачкото мнозинство или се гласен коректив во општините во кои делуваме како опозиција.

Партијата е жив организам и природно е членови, па и функционери да заминуваат, а на нивно место да доаѓаат нови и партијата да се развива. НСДП секогаш дава шанса на квалитетни кадри кои согласно основниот постулат на партијата треба да работат силно, чесно и одговорно. Исто така особен фокус се дава на младите членови кои можат да донесат новини во политичкото делување согласно моментумот, времето во кое дејствуваме и брзиот развој на општествата. НСДП и во иднина во своето делување во прв план ќе го има државниот интерес, а потоа реализирањето на партиските програми и активности.

 

05.08.2022 - 10:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега