Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека сè уште не е дојдено време Словенија да се приклучи на таканаречениот Одбор за мир, иницијатива што ја предводи американскиот претседател Доналд Трамп. Како главна причина, Голоб го наведе преширокиот мандат на ова тело и можноста со своето делување сериозно да го поткопа меѓународниот поредок заснован на Повелбата на Обединетите нации.

Според него, меѓународниот систем во кој Обединетите нации имаат централна улога со децении обезбедувал стабилност и мир, не само за Словенија, туку и за Европа и пошироко. „Најголемата загриженост е ризикот од разградување на системот на ОН“, истакна Голоб, додавајќи дека предложениот одбор ги надминува овластувањата што би произлегле од резолуција на Советот за безбедност, но и рамките што Словенија би ги прифатила како суверена држава.

Голоб нагласи дека Словенија останува отворена за соработка, доколку мандатот на одборот биде јасно и потесно дефиниран, особено ако е насочен кон конкретни прашања како поствоената обнова на Газа и евентуално на Западниот Брег.

Тој најави дека нема да присуствува на потпишувањето на основачката повелба на Одборот за мир во Давос, но дека подоцна истата вечер во Брисел ќе одржи средби со лидерите на земјите членки на Европската Унија.

Во своето обраќање, словенечкиот премиер ја истакна потребата од европско единство и решителност во давањето заеднички одговор, при што правото на територијален интегритет, суверенитет и неповредливост на границите мора да биде на прво место. Тој посебно се осврна и на Гренланд, нагласувајќи дека со испраќањето двајца словенечки офицери таму, Словенија испраќа јасна порака дека го брани овој основен меѓународен принцип.

„Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните и за Словенија не постои друга позиција освен поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет“, порача Голоб,

Exit mobile version