Големо снежно невреме во САД: Училишта се затворија, а и летови се откажаа
Голема зимска бура, придружена со силен ветер и снег, денеска го погоди американскиот Среден Запад, што доведе до затворање на стотици училишта и големи проблеми во воздушниот и патниот сообраќај.
Зимско временско предупредување беше издадено за повеќе од 50 милиони Американци утринава, бидејќи бурата се движеше низ западните и северните делови на САД, а потоа кон исток, објави „Ројтерс“.
Утре во текот на денот на места се очекуваат и до 60 сантиметри снег и брзина на ветер до 97 километри на час, соопшти Националната метеоролошка служба.
Невремето ја погоди и Калифорнија и донесе мешавина од снег и лапавица на исток, вклучувајќи ја и Нова Англија, каде синоптичарите ги предупредија возачите да внимаваат на лизгави патишта.
Патиштата покриени со снег го направија патувањето опасно во горниот дел на Средниот Запад, а далноводите покриени со мраз и соборените дрвја може да доведат до прекин на електричната енергија доцна денес и утре, што ќе го оневозможи патувањето, соопшти Центарот за предвидување на времето на Метеоролошката служба во Колеџ Парк.
Експертите велат дека зголемената зачестеност и интензитет на вакви бури, прошарани со екстремни горештини и сушни периоди, се последица на климатските промени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа