Претседателот на Општинската изборна комисија, Минир Жута, вчера му го врачи уверението на новиот градоначалник на Струга, Менди Ќура. По церемонијата, во зградата на Општината беше извршено и официјалното примопредавање на функцијата од досегашниот градоначалник Рамиз Мерко.

На првата прес-конференција, Ќура им се заблагодари на граѓаните за поддршката и вети дека ќе биде градоначалник на сите жители, без разлика за кого гласале. Тој порача дека „од денеска почнуваат промените во Струга“ и најави конкретни мерки уште од првиот ден на мандатот.

Како симболичен чекор, Ќура потпиша одлука за продажба на службениот автомобил „Ауди“, а за службени потреби ќе го користи својот приватен автомобил.
„Промените почнуваат од зборови на дела. Мојот изборен и среќен број 133 стои и на таблиците на автомобилот што ќе ѝ служи на Општина Струга во наредните четири години. Донесовме и важна одлука – сите вработени кои не доаѓаат на работа со денови, месеци или години, а некои од нив работат и во странство, ќе добијат решение за раскинување на работниот однос“, изјави Ќура.

Како приоритети во неговата програма ги најави изградбата на патот Мороишта–Струга, решавањето на проблемите со паркинг просторот и подобрувањето на комуналните услуги.

Во врска со депонијата во Струга, градоначалникот очекува проблемот да се надмине со отворањето на регионалната депонија во 2026 година. Според него, во соработка со Владата, комуналното претпријатие наскоро ќе добие 8.000 нови канти за смет и неколку возила за собирање отпад.

Ќура најави и ревизија на работата на Општината и јавните претпријатија, како и формирање комисии кои ќе ја евидентираат фактичката состојба на терен.

Exit mobile version