Ѓорѓиевски: Сите основни училишта во Македонија ќе добијат примероци од македонскиот Правопис
По иницијатива на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во соработка со НУБ ,,Св. Климент Охридски” – Скопје, започнува акција за дистрибуција на примероци од „Правописот на македонскиот јазик“ во сите основни училишта низ државата. Оваа активност е важен придонес кон подобрување на наставниот процес, подигнување на јазичната култура кај учениците и зачувување на македонскиот јазик како суштински дел од нашиот национален идентитет. Акцијата следи откако во депоата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје беа откриени 2600 примероци од второто издание на Правописот, кои цели седум години не биле дистрибуирани и биле чувани во несоодветни услови, иако првично биле наменети за сите јавни установи и институции, како и за лекторатите и библиотеките во земјава и странство. По остварената средба меѓу претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски со директорот на НУБ ,,Св. Климент Охридски” – Скопје, Јовица Никчевски, се става крај на евидентираната институционалната негрижа и се обезбедува сите училишта во државата да поседуваат Правопис, ставен во функција на образовниот процес и грижата за македонскиот јазик.
-Денес остварив средба со директорот на НУБ ,,Св. Климент Охридски” – Скопје, Јовица Никчевски, на која што разговаравме за спроведување на една заедничка акција за дистрибуирање на Правописот на македонскиот јазик во сите училишта, кој неодамна беше откриен во депото на Националната универзитетска библиотека. Имено, се работи за 2600 примероци од второто издание на Правописот на македонскиот јазик откриени при вршење на попис на капиталните проекти кои се наоѓаат во библиотеката и кои, од засега непознати причини цели седум години се чувале во депо во несоодветни услови.
По извршен увид во архивата и документацијата на Библиотеката, утврдено е дека во 2018 година НУБ „Св. Климент Охридски“ аплицирала и добила проект од областа на заштитата на културното наследство (библиотечна дејност) од национален интерес од Министерството за култура за Правописот на македонскиот јазик. 2600 примероци требало да стигнат до сите јавни установи и институции во Република Македонија, како и до лекторатите и библиотеките надвор од државава, што очигледно не се случило.
Но, ова значајно издание повеќе нема да скапува во магацинските простории и ќе се дистрибуира таму каде што е најпотребно. НУБ ќе достави 1000 примероци на ЗЕЛС кои ќе бидат распределени во сите основни училилишта во Македонија, а ќе бидат опфатени и сите 950 на централните и подрачните училишта. Македонскиот јазик е нашето непроценливо богатство, темелот на нашиот идентитет и мораме да го сочуваме како нешто најсвето!
Сакам да изразам огромна благодарност до директорот Јовица Никчевски, за неговата посветеност и грижа за зачувувањето на делата кои се од непроценлива вредност за нашата држава. Ова значајно издание на македонскиот Правопис наскоро ќе биде достапно за нашите најмлади, бидејќи тие се оние преку кои нашиот јазик, нашето најголемо културно и духовно наследство ќе живее-изјави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа