Градот Скопје денеска спроведува голема акција за расчистување на површинскиот отпад од долгогодишната депонија во Радуша, информира градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски на социјалните мрежи посочи дека акцијата се реализира координирано, иако, како што наведе, чистењето на оваа локација не е обврска на Град Скопје.
Во однос на информациите што изминатите денови предизвикаа загриженост кај јавноста за наводна опасност по изворот „Рашче“, Ѓорѓиевски тврди дека депонијата се наоѓа на неколку десетици километри од заштитената зона на изворот и не претставува основа за ширење паника.
Тој истовремено уверува дека водата за пиење во Скопје е безбедна, повикувајќи се на секојдневните анализи што, според него, се вршат во лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
-Резултатите се јасни и нема простор за паника, шпекулации или ширење страв меѓу граѓаните, порача Ѓорѓиевски.
Градоначалникот информираше и дека лицата кои во изминатите денови, како што наведе, придонеле за создавање вознемиреност и паника кај скопјани, веќе разговараат со надлежните институции.
Ѓорѓиевски порача дека Градот ќе продолжи да реагира кога станува збор за здравјето и безбедноста на граѓаните.
-Скопје го чуваме. Скопје го штитиме. Заедно!, порача градоначалникот


