Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека, по дадена насока до директорот на ЈП „Градски паркинг“, во Реонскиот центар на општина Аеродром каде се воведува зоната D12, продолжува да важи постојното правило според кое сите резиденти, физички и правни лица ќе можат да паркираат на сите зони на територијата на општината без надоместок.
Одлуката е донесена како одговор на барањата и реакциите на граѓаните. Паралелно, во тек е подготовка за воведување нова зона за паркирање во Ново Лисиче, со што ќе се обезбедат вкупно 2719 нови паркинг места.
Дополнително од Град Скопје информираа дека од 1 април 2026 година ќе биде овозможено електронско поднесување барања за дозволи преку платформата „moj.parking.mk“, како и онлајн плаќање на месечни и годишни дозволи, со цел поедноставување и подобрување на услугите за граѓаните.


