Стеблата од паднатите дрвја за време на силното невреме што го зафати Скопје ќе се искористат за изградба на нов моторички парк на Водно, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Според него, здравите стебла од паднатите дрвја нема да завршат како отпад, туку ќе добијат нова намена за рекреација на граѓаните.

„Од нив, на Водно создаваме нов моторички парк – специјално уредени простори со природни препреки и реквизити за развој на рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност. Овој простор ќе биде наменет за децата, младите, но и за возрасните за рекреација, движење, дружење и повеќе време поминато во природа“, соопшти тој.

Паралелно со расчистувањето и засадувањето нови садници на местото на паднатите дрвја, за втората половина на септември е најавена и поголема акција.

„На местото на паднатите дрвја се засадуваат нови садници, а во втората половина на месец септември ќе започнеме голема есенска акција за пошумување на нашиот град“, додаде тој.

Тој потенцираше дека ова е дел од пошироката активност за уредување на Водно, каде претходно е започнато обновување на патеките и урбаната опрема, а на Водно и Матка веќе функционира и Планинската спасителна служба.

„Водно е срцето и зелените бели дробови на Скопје. Го чуваме, го обновуваме и го унапредуваме паметно, одговорно и со содржини што ќе им служат на сите генерации“, истакна Ѓорѓиевски.

Exit mobile version