Тука од каде што започна сѐ – дома, во МОЈАТА Кисела Вода и мојот народ! Јас немам зборови за да ви ја искажам мојата благодарност, едноставно се поклонувам пред вас мои сограѓани. Се поклонувам за тоа што бевте моја поддршка, мој столб во овие четири години. Вие сте причината поради која Кисела Вода денес е една од најубавите општини во Македонија. Вие, и мојот тим, порача кандидатот на градоначалник на Град Скопје и актуелен градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

– Каква чест, каква одговорност и каква неизмерна гордост е да се стои вечерва овде, пред вас. Пред луѓето кои ми ја дадоа довербата, пред луѓето со кои заедно ги биевме битките и заедно ги славевме победите!
Вечерва не сум само кандидат пред вас, вечерва сум дома, меѓу своето семејство, меѓу моите комшии и пријатели! Сакам од дното на душата да ви се заблагодарам за секој ден поддршка, за секој стисок на рака, за секој совет, за секоја критика, и најмногу, за вербата што ми ја дававте во изминативе години! Вие бевте мојот мотив, мојот компас и мојата најголема сила! Погледнете ја оваа сила, ова единство! Ова е силата што ја менува реалноста! Се сеќавате ли добро каде беше нашата Кисела Вода пред само неколку години? Заборавена, заглавена во кал и прашина, со улици како кратери по кои кршевме автомобили, со недостаток на стотици места во градинките, со апатија и со чувство дека ништо не може да се смени. Велеа, таква е судбината. Но, ние не се помиривме со тоа! Ние не веруваме во судбина, ние веруваме во работа, истакна тој.

Ѓорѓиевски порача дека со дела покажале како се сака и како се гради општина.

-Заедно си ветивме дека ќе работиме и заедно, рамо до рамо, испорачавме конкретна работа и резултати! Покажавме со дела, а не со празни зборови, како се сака и како се гради својата општина! Зад нас, зад мене во Кисела Вода има кредибилитет, има доказ за чесност, за посветеност, за работа. Кисела Вода конечно е добриот пример во Скопје. Таке ќе биде и во иднина. Заедно асфалтиравме над 70 километри нови улици!
Заборавивме што е кал во многу населби, од Пинтија до Црниче, од Драчево до 11 Октомври! Изградивме 5 нови, модерни градинки и проширивме 5 од постоечките, и листите за чекање од над 400 ги сведуваме на нула. Создадовме над 80.000 квадратни метри нови паркови и зелени површини, затоа што здравјето на нашите семејства е најважно! Изградивме спортски сали, теререни, детски катчиња, фекална и атмосферска канализација, водоводни мрежи, вели Ѓорѓиевски.

Exit mobile version