Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, престојува во работна посета на Брисел, каде што учествува на седницата на Заедничкиот консултативен комитет при Европскиот комитет на регионите. Ова тело е наменето за соработка на македонските општини со локалните власти на земјите од Европската Унија.

На овој форум, македонската делегација учествува заедно со претставници на локалната и регионалната власт од земјите членки на ЕУ, како и од земјите кандидати за членство.

Според Ѓорѓиевски, седницата претставува одлична можност за размена на искуства, зајакнување на соработката меѓу општините и дискусија за предизвиците поврзани со процесот на европска интеграција, со посебен фокус на улогата на локалната власт.

Тој потенцираше дека локалната самоуправа е директен партнер во приближувањето на стандардите кон европските.

„Интеграцијата во Европската Унија останува стратешки приоритет на Македонија, а општините имаат клучна улога и во евроинтеграцискиот процес и во спроведувањето на реформите. Тие се директни партнери во приближувањето на локалните стандарди кон европските и во исполнувањето на агендата за интеграција“, истакна Ѓорѓиевски.

Во рамки на работната агенда, разговорите и дебатите беа насочени кон конкретните чекори за напредокот на земјата.

„Во тој контекст, дискусиите ги насочивме кон патот до членство, продолжувањето на реформите и зајакнувањето на улогата на локалната власт како важна алка што ја приближува нашата земја кон европското семејство“, додава тој.

Exit mobile version