Создавањето зелени работни места во Македонија мора да биде приоритет!, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Денес, на покана на австрискиот амбасадор во Македонија Мартин Памер, Ѓорѓиевски учествуваше на конференцијата посветена на креирањето на зелени работни места во Македонија.

Заедно со заменик-министерот за економија Марјан Ристески, Бен Нупнау – заменик шефот на делегацијата на ЕУ, аташето за социјална грижа во австриската амбасада Харолд Бреза, имаа одлична дебата на оваа тема.

Ова всушност е моето прво обраќање на некоја конференција откако станав градоначалник на Град Скопје и морам да го искажам моето задоволство што тоа се случува на ваков собир, организиран од амбасадата на Австрија и токму на оваа тема, особено што на самиот почеток на мојот мандат, максимално се посветив на средување на состојбата со нередот и ѓубрето во главниот град, нешто што беше проблем многу години, рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски е убеден дека Скопје, но и останатите општини во соработка со владата ќе почнеме да се справуваме со отпадот на многу подобар и поцелисходен начин.

„Скопската депонија „Дрисла“ е во исклучително лоша состојба и силно ќе се залагаме таа да се трансформира по примерот на другите современи европски, регионални центри за обработка и третман на отпад.

Исто така, максимално треба да се заложиме за селектирање на отпадот и за негово поефикасно искористување како суровина.

Затоа се надевам дека искуствата кои ќе бидат тука презентирани од искусни експерти во оваа областа, кои се дојдени од Австрија, значително ќе ни помогне на мене и моите колеги, да размислуваме во таа насока и да се обидеме добар дел од тие искуства да ги пренесеме и кај нас“, посочи Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски го истакна и значењето на неколкуте невладини организации кои работат во оваа насока, на селектирање на отпад и негово собирање, како и третман.

„Како пример ќе го истакнам поставувањето на специјални контејнери за одделно собирање на стаклен отпад, пластика хартија и слично.

Интересно е искуството за поставување машини за рециклирање на пластични шишиња во основните училишта, но и можноста за плаќање паркинг со собирање шишиња, како и примерот во Кисела Вода за поставување на канти за селектирање на отпад во самите влезови на објектите за колективно домување“, рече Ѓорѓиевски.

Exit mobile version