Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека до април следната година возниот парк на ЈП „Комунална хигиена“ ќе биде засилен со 40 нови камиони. Набавката ќе се реализира во две фази – дел преку сопствени средства на Градот, а дел преку проект на Министерството за транспорт и Светска банка.
Ѓорѓиевски во гостувањето на телевизија „Сител“ посочи дека затекнал само 16 функционални камиони, што било недоволно за потребите на метрополата. Новите возила ќе бидат економични, ќе штедат на гориво и на одржување, со цел трајно да се реши проблемот со хигиената.
Паралелно со набавките, продолжуваат и строгите контроли на терен. Досега се изречени стотици казни и предупредувања за несовесните граѓани кои непрописно одлагаат отпад.

