Градоначалникот и претставник на локалната власт, Орце Ѓорѓиевски, денеска се обрати на Македонско-австрискиот бизнис-форум посветен на патната и енергетската инфраструктура, на покана на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. На настанот присуствуваа и вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, како и министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Пред присутните бизнисмени, Ѓорѓиевски истакна дека се работи на деблокирање и реализација на проекти кои со децении биле во застој.
„Ги решивме имотно-правните пречки кај клучката „Момин Поток“ и овозможивме продолжување на работите, со рок за завршување до Нова година. Булеварот „Борис Трајковски“, ветуван три децении, е пред завршување. Се ослободува трасата кај мостот „Генерал Михајло Апостолски“, а го придвиживме и проектот за мостот на „Љубљанска“, истакна тој.
Тој додаде дека е завршена првата фаза од булеварот „Македонија“, по што се влегува во втората фаза која води кон изградба на првата подземна сообраќајница во Скопје. Нагласувајќи ја важноста на соработката со Владата и премиерот Христијан Мицкоски, Ѓорѓиевски порача дека развојот на главниот град носи придобивки за целата држава, подобрувајќи ги условите за стопанството и секојдневниот живот на граѓаните.


