Ѓорѓиевски ја разреши директорката осомничена за поседување на лажна диплома за странски јазик

 

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја разреши директорката осомничена за поседување на лажна диплома за странски јазик. Истакна дека нема компромиси кога е во прашање спроведувањето на законите и апелираше до надлежните институции да го расветлат случајот до крај, работејќи непристрасно и водејќи се исклучиво според законодавната легислатива.

Потенцираше дека правдата мора да излезе на виделина и при тоа да нема никакви негативни последици врз учениците и наставно-научниот процес.

„Нема компромис кога е загрозен Законот! Директорката веднаш е разрешена! По добиените информации дека една директорка на основно училиште поседувала лажна диплома за странски јазик, донесов одлука за нејзино РАЗРЕШУВАЊЕ. При самиот избор, разгледувањето на документацијата и интервјуто од страна на Училишниот одбор не било возможно да се увиди дека списите не се регуларни, при што е изготвен извештај за избор на најдобар кандидат, кој што ќе биде поништен, и наскоро училиштето ќе добие нов ВД директор“, рече тој и додаде:

„Правдата мора да излезе на виделина, при тоа да нема никакви негативни последици врз наставно-научниот процес и што е најважно врз самите ученици. Апелирам надлежните институции да го расветлат случајот до крај, непристрасно, исклучиво водејќи се според законодавната легислатива. Врвен интерес преставува владеењето на правото и работа во интерес на сите граѓани на Општина Кисела Вода“-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Единицата за корупција при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против 49-годишната Т. К. од Скопје и 56-годишната С. К. од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело употреба на исправа со невистинита содржина.

„Пријавената Т. К., вработена во основно училиште во с. Драчево, Скопско, и пријавената С. К., вработена во Општата болница во Дебар, набавиле лажни меѓународни сертификати за познавање англиски јазик, издадени од училиште за јазици од Република Бугарија. Т. К. го употребила сертификатот при аплицирање на јавен оглас за избор на директор на основно училиште во с. Драчево по што со решение на градоначалникот на општина Кисела Вода била именувана за директор во училиштето“, велат од МВР.

14.02.2024 - 19:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега