Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку социјалните мрежи информираше дека се спроведени засилени инспекциски надзори на терен по пробивањето на дозволениот праг на загаденост на воздухот. Тој истакна дека Инспекторатот за животна средина веќе изрекол казни за правни лица кои биле идентификувани како загадувачи.

Ѓорѓиевски порача дека борбата за почист воздух продолжува уште поинтензивно и дека законот ќе важи подеднакво за сите.

„Како градоначалник на Скопје, но пред сè како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух како и сите вас, немав право да молчам и да не постапам. Во изминатите два дена беа спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен. Инспекторатот за животна средина изрече казни кон правни лица – загадувачи и јасно покажа дека законот важи за сите“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека за здравјето нема компромис и најави дека секој што го загрозува јавното здравје ќе биде санкциониран без исклучок.

„Напротив, продолжуваме уште поинтензивно и уште поодлучно. Секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без грам толеранција! За здравјето нема компромис. Ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца“, дециден е градоначалникот.

Exit mobile version