Германски генерал: Не сме ниту во војна ниту во мир со Русија
Највисокиот претставник на Бундесверот за „Дојче веле“ вели дека односите меѓу Германија и Русија во моментот се во сива зона и дека германското општество и војската мора да развијат отпорност поради зголемената закана од руската агресија.
„Германија и Русија не се ниту во војна ниту во мир, а германското општество и Бундесверот мора да станат многу свесни за тоа доколку сакаат да ја развијат потребната способност за справување со проблемите“, вели генерал Карстен Бројер, генерален инспектор на Бундесверот, во интервју за „Дојче веле“.
„Категориите мир, криза или војна, кои сакаме да ги користиме, не се користат од руската страна“, вели тој. „Русија ја гледа војната како континуум и користи мерки што можеби изгледаат како војна, но веројатно сè уште не се војна“, рече Бројер додавајќи дека првенствено мислел на хибридни мерки. „Значи, се создава ситуација, која веќе не е целосен мир, но не е ниту воена состојба. Ние сме во таа сива зона во однос на Русија“, оцени генералот.
Бројер рече дека сегашните анализи покажуваат оти Русија значително го зголемува својот воен потенцијал, меѓу другото, со поправка на тенкови, но и со производство на нови, вкупно 1.500 тенка годишно. „И тие 1.500 тенка и четири милиони парчиња артилериска муниција не одат веднаш на украинскиот фронт, туку во магацини, каде што се подготвуваат и складираат“, вели тој.
„Истовремено, гледаме дека Русија ќе го зголеми бројот на војници на еден и пол милион во наредните години. И забележуваме нови воени структури, воени области, кои се јасно насочени против Западот. Ако сето ова го поврземе со намерите на Путин, што можеме да ги прочитаме од неговите говори и видеопораки, јасно ми кажува дека 2029 година е година во која количината материјал и бројот на војници ќе пораснат до тој степен што ќе биде возможен напад на територијата на НАТО“, заклучува Брејер.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа