Германската полиција во понеделник пукаше кон 12-годишна девојка со српско државјанство во Бохум, откако, според нивните наводи, им се приближила вооружена со два ножа. Детето е тешко повредено и се наоѓа на интензивна нега. Истрагата ја води полицијата од Есен под надзор на Јавното обвинителство во Бохум.

Девојчето било пријавено за исчезнато

Според официјалното полициско соопштение:
„Околу 00:30 часот, припадници на полициската управа во Бума интервенирале во станбена зграда бидејќи се верувало дека исчезнатото девојче е таму. Дванаесетгодишното девојче, кое има германско и српско државјанство, избегало од групен дом и има потреба од лекови што го спасуваат животот, кои можеби не ги земала долго време. Последен пат нејзините старатели ја виделе претходниот ден, кои пријавиле дека е исчезната.“

Девојчето е глуво и боледува од сериозна здравствена состојба. На мајката претходно ѝ било одземено старателството и правото да го определи живеалиштето на детето, поради што полицијата била упатена во нејзиниот стан. И мајката е глува.

Полицијата употребила тазер и огнено оружје

Според полицијата, пристапот до станот бил отежнат:
„Бидејќи вратата од станот на почетокот не била отворена, но одвнатре се слушале звуци, службите за итни случаи повикале бравар. Пред да пристигнат браварите, мајката им ја отворила вратата на полицајците околу 1:30 часот.“

При претресот, полицајците наишле на девојката.

„Додека ја истражувале ситуацијата и го претресувале станот, полицајците наишле на девојка која им се приближила со два ножа во рацете. Според првичните сознанија, за да спречат потенцијален напад со нож, полицајците истовремено користеле далечински електрошокер и огнено оружје“, соопшти германската полиција.

Полициските службеници веднаш ѝ укажале прва помош додека пристигнала брзата помош. Истата ноќ, Одделот за убиства на полицијата во Есен ја презеде истрагата.

Exit mobile version