Иако интересот за работа во Германија е во постојан пораст, илјадници граѓани од Западен Балкан на крајот од 2025 година останаа со одбиени барања за работа. Околу 18.000 апликации биле отфрлени бидејќи бројот на баратели значително ја надминал годишната квота од 50.000 дозволи.
Според податоците на германската Агенција за вработување, бројот на странски работници кои плаќаат придонеси за осигурување е двојно зголемен за само пет години – од 200.000 во 2020 година на рекордни 420.000 во јуни 2025 година.
Најголем дел од квалификуваните работници пристигнуваат со „сината карта“ на ЕУ, чии услови беа олеснети со законските измени од 2020 година. Во моментов, над 164.000 работници надвор од ЕУ поседуваат ваква дозвола.
„Побарувачката значително ја надминува понудата, поради што илјадници апликации останале без одобрение“, се наведува во извештаите на германските служби.
Најголем притисок врз германскиот пазар на труд доаѓа токму од Македонија, Албанија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора, чиј влез е регулиран со специјалната Регулатива за Западен Балкан која е на сила од 2016 година.

