Германската влада упати директна порака до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека евентуалната воена операција против Иран нема никаква врска со Северноатлантската алијанса. Официјален Берлин предупредува дека секое проширување на борбените дејствија и обид за вовлекување на НАТО би донело катастрофални ризици за партнерите на Блискиот Исток.
Портпаролот на германската влада, Стефан Корнелиус, на прес-конференција во Берлин беше дециден во однос на карактерот на Алијансата како одбранбен сојуз.
„Ова не е војна на НАТО и нема никаква врска со НАТО бидејќи Алијансата е одбранбен сојуз“, изјави Корнелиус, одговарајќи на новинарски прашања поврзани со последните закани на Трамп.
Тој додаде дека германските власти внимателно ја следат реториката на американскиот претседател, но остануваат на ставот дека ескалацијата само ќе ја дестабилизира регионалната безбедност.
„Ја зедовме во предвид позицијата на американскиот претседател“, кратко прокоментира портпаролот.
Оваа реакција доаѓа откако Трамп ја интензивираше воената активност во близина на Ормутскиот теснец и почна со бомбардирање на ирански воени цели на островот Харг. Германија веќе неколку пати претходно потврди дека нема намера да учествува во американските воени операции против Техеран, инсистирајќи на заштита на регионалните сојузници од директен конфликт.

