Герасимовски: Завршени 60% од реконструкцијата на „Ленинова“

 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи обиколка на реконструкцијата на „Ленинова“ и изврши увид во градежните активности.

Со проектот за реконструкција ќе се постави нов горен и долен строј на асфалт, целосна замена на водоводната и атмосферска канализациона мрежа, ќе се реконструираат старите и оштетени тротоари, ќе се воведе резидентен паркинг по цела должина на улицата, со нова урбана опрема и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување.

„Со оваа реконструкција им излегуваме во пресрет на граѓаните, кои со години бараа општината да го реконструира овој дел од улицата ‘Ленинова’. Граѓаните добиваат нова и квалитетно изведена улица, со нова атмосферска и водоводна канализација, нови тротоари и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување. Воведувањето на резидентен паркинг на жителите значително ќе им го олесни секојдневието и ќе придонесе кон намалување на сообраќајниот хаос кој се создава во овој дел, особено во попладневните часови“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

По реконструкцијата, граѓаните ќе добијат улица со нов лик и повеќе зеленило, безбедна и квалитетна, изведена во согласност со сите современи стандарди за функционалност.

26.03.2023 - 13:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега