Кандидатот за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски, во најновото издание на „Утринско еспресо“ на Радио Лидер информираше дека е многу горд на отворањето на новата градинка „Пролет“ којашто е најмодерната и најурбана градинка во целата држава.

Герасимовски, потенцираше дека се реконструирани сите останати градинки на територија на Центар, а денеска најмалите жители имаат најдобри услови.

„Градинката „Пролет“ не само што е модерна, урбана и најдобра во државата, туку чини само 900 евра по квадрат. Тука се покажува нашето домаќинско работење и се докажува колку инвеститорите веруваат во Центар. Инвестиравме во училиштата, во нови спортски сали и подобрување на условите за учениците. Со тоа ги исполнуваме и ги задоволуваме капацитетите, особено во училиштето Коле Неделковски“, рече Герасимовски.

Тој, изјави дека оваа година, сите 4.900 ученици во Центар ја почнале школската година со бесплатни униформи, од прво до деветто одделение.

„Посебно сум горд на тој прв училишен ден, каде што се интонираше македонската химна, сите беа во нови униформи со обележја на училиштето и на општината, и се подигнуваше јарболот со македонското знаме. Покрај вложувањето во образованието, обезбедивме ново ЛЕД-осветлување во целата општина, со што ги намаливме сметките за струја и ја зголемивме безбедноста, и на пешаците, и на возилата. После повеќе од 50 години и многу ветувања од моите претходници и колеги, ја реконструираме нашата спортска сала „Работнички“. Верувам дека до крајот на месец октомври истата ќе биде ставена во функција. Правиме притисок за да се заврши навреме“, посочи Герасимовски.

Во емисијата, Герасимовски, истакна дека е поставено ново зеленило во општината, а во моментов се работи на проектот за нова општинска зграда, со кој ќе се реши проблемот со паркирањето во Дебар Маало.

Exit mobile version