Општина Центар стави на располагање електронски Анкетен прашалник преку кој граѓаните директно може да се вклучат во процесот на креирање на Буџетот за 2026 година. Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува жителите активно да ги доставуваат своите предлози и да укажат на потребите во своите маала.
„Ги повикувам сите граѓани да ја искористат алатката Анкетен прашалник и сериозно да се вклучат во креирање на буџетот за следната 2026 година. Вие сте најголемиот коректор и вашите барања се најзначајни. Јас сум овде да ги проследам сите ваши предлози, а заедно со секторите да ги оцениме приоритетните кои веднаш ќе влезат во програмите“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Преку електронскиот прашалник, граѓаните може да предлагаат проекти од различни области: образование, социјална, детска и здравствена заштита, култура, спорт и рекреација, локален економски развој, урбано планирање, комунални дејности, животна средина, јавни работи, како и реконструкција и санација на училиштата.
Со ова, Општина Центар овозможува вистинско и директно учество на граѓаните во подготовката на програмите за работа и во дефинирањето на приоритетите во буџетот за 2026 година.
Анкетниот прашалник е достапен на следниот линк:
https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSfMOt7OUxUvMiqlOhp5htLdSK1f0jaJAqZ8dQOqUPKR-xzKfQ/viewformПреку него, граѓаните може да предложат проекти кои сметаат дека ќе донесат значителни бенефити за заедницата.
Општина Центар ги повикува сите жители подеднакво да учествуваат и да го дадат својот придонес во креирањето на локалните политики.

