Георгиевски: Не се согласувам дека до 44-та се било бугарско, ама односите во минатото ни биле многу поблиски

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, во интервју за „360 степени“, зборуваше за актуелните случувања на релација Софија-Скопје и бугарскиот меморандум.

Запрашан за тоа дали се согласува со пристапот кој вели дека до 2 август 1944 се било бугарско, а од тој момент почнува создавањето на македонската нација и тогаш е донесена одлука за кодификација на македонскиот јазик, Георгиевски вели дека не се согласува со таа позиција.

„Меѓутоа, има една друга позиција. Јас сум зборувал многу пати зошто сметам дека нашите односи со Бугарија во минатото во одреден период биле многу поблиски од тоа што сакаме да го презентираме. Кој сака да ја проучува македонската историја нека оди во Македонскиот архив и нека ги земе сите книги за македонската историја објавени во времето на Зоран Тодоровски и кога ќе го чита тоа таму што гледа? Како пример – Ќосето. Тој кога зборува ја меша Бугарија со Македонија. Е сега, проблемот каде е? Проблемот не е само заради препрочитување на македонската историја заради тоа што треба да направиме договор со Бугарија, туку заради нас самите. Ние се одрекуваме од една огромна богата историја само затоа што врската со Бугарија ја гледаме многу јако. Дури се одрекуваме и од жив народ затоа што себеси се декларира како македонски Бугари. Прво за историјата од времето кога учев историја во средно школо и имав петка. Македонската историја завршуваше некаде со убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов од страна на Јане Сандански и после имаше еден празен простор. Балканските војни во македонската историографија воопшто ги нема. Првата светска војна ја нема. Зошто? Од многу едноставна причина. Затоа што целата левица и десница била на страна со Бугарија. Тоа се јасни податоци кои ние се обидуваме со тоа што ги игнорираме да ги премолчуваме. А се откажуваме од една сериозна историја која е толку богата што не може да се докаже. Во Првата Балканска војна тоа е приказната на 15 илјади доброволци Македонци кои одат на Одрин, кои одат на Истанбул во рамките на бугарската армија да се борат со Турците. Тој дел го нема во нашата приказна. Во Првата светска војна имате 11-та македонска дивизија каде има 30 илјади македонски доброволци кои учествуваат заедно со бугарската армија. Целото ВМРО, и левица и десница се во рамките на таа заедничка македонско-бугарска армија“ вели Георгиевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.10.2020 - 23:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега