Македонија ја зацврстува улогата како сигурен партнер на Интерпол. Од размена на разузнавачки информации и заеднички операции, преку обука на полициски кадар, до испраќање на експерти. Шефот на Интерпол, кој е во официјална посета на Скопје порача дека нашата држава покажува сериозен пристап кон меѓународната полициска соработка, а тоа го докажува преку практични примерии.

„Од соработката што ја видов на вашата граница со Албанија, како и од заедничките активности со српските власти, гледам дека Северна Македонија сериозно ја сфаќа меѓународната полициска соработка. Мора да обезбедиме меѓународниот предизвик да биде проследен со меѓународен одговор. Северна Македонија е важен дел од тие напори.“, изјави Валдеси Уркиза, генерален секретар на Интерпол. 

Соработката со Интерпол се темели врз меѓусебно споделувањата на знаењата, размената на високо квалификувани експерти но и капацитети при откривање на шемите на криминални банди и апсењето на терористи.

Во време на се покомплексни предизвици јакнењето на соработката со Интерпол во областа на полициското образование е предуслов за ефикасно справување со нив, порача помошник-министерот во Центарот за обука, Влатко Митковски.

„Полициската академија изразува искрен интерес за интензивирање на воспоставената соработката со Интерпол и со Академијата на Интерпол, со цел размена на знаења, искуства и најдобри практики во полициското образование и обука на идните и на активните полициски службеници“, изјави Влатко Митковски, помошник-министерот во Центарот за обука.

Шефот на Интерпол го поздрави учеството на земјата во меѓународните операции против трговијата со луѓе и нелегалната трговија со оружје. Неговата официјална посета е насочена кон продлабочување на соработката во борбата против меѓународниот криминал и подобрување на безбедносната координација. Македонија стана членка на Интерпол на 29 септември 1993 година, кога беше примена на Генералното собрание на Интерпол одржано во Аруба.

Exit mobile version