Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, престојува во официјална посета на Ријад, Кралството Саудиска Арабија. Во составот на делегацијата се и пратениците Никола Мицевски, Оливер Спасовски и Аднан Азизи.
Во рамките на посетата, делегацијата оствари средба со претседателот на Советот на Шурата на КСА, Абдула бин Мохамед бин Ибрахим Ал Ал-Шеик.
На средбата претседателот Гаши изрази искрена благодарност за топлото гостопримство и истакна дека Република Северна Македонија придава исклучително значење на односите со Кралството Саудиска Арабија и останува цврсто посветена на натамошното зајакнување на партнерството меѓу двете држави, кое се темели на меѓусебна почит, пријателство и заедничка посветеност кон мирот, стабилноста и просперитетот.
Тој изрази почит кон извонредните достигнувања на Кралството во рамките на „Визија 2030“ и посочи дека меѓу двете држави постојат значителни можности за соработка во инвестициите, енергетиката, туризмот, земјоделството, технологијата и трговијата.
Посебен акцент беше ставен на економската соработка, дигиталната трансформација и туризмот, при што беше нагласена потребата од олеснување на визниот режим и воспоставување директна воздушна поврзаност меѓу двете земји.
Претседателот на Советот на Шурата, Абдула бин Мохамед, истакна дека Кралството Саудиска Арабија високо го цени пријателството со Република Северна Македонија и верува во градење цврсти односи засновани на меѓусебна почит и разбирање.
Двајцата соговорници се согласија дека дијалогот и дипломатијата остануваат клучни инструменти за зачувување на мирот и одржливиот развој. Делегацијата оствари средба и со претседателот на Групата за пријателство, д-р Али М. Алшухтани, каде беа разменети мислења за развој на парламентарната дипломатија.


