Гаши по средбата со Заев: Зошто ме следат службите СДСМ-ДУИ?
Како лидер на Алтернатива, имам мандат и должност да се среќавам со сите политички актери во земјата. Така сум работел досега и така ќе работам и во иднина, објави претседателот на партијата Африм Гаши коментирајќи ги наводите на пратеникот Скендер Реџепи Зејд кој денеска објави фотографија од него и Зоран Заев сликани во угостителски објект во Струмица.
Гаши додава дека нема ништо посебно и мистериозно во неговата средба со поранешниот премиер Заев.
-Јас го разбирам интересот на медиумите за оваа средба, но мислам дека вистинското прашање не е кој, каде и зашто се среќавам, туку зошто, по чиј налог и од каков страв ме следат службите СДСМ-ДУИ?, прашува лидерот на Алтернатива.
Реџепи покрај споделената фотографија на социјалните мрежи, постави и „прашање од еден милион евра“.
-Зошто требаше да оди дури до Струмица? Активистите на Алтернатива, како и пошироката јавност, заслужуваат да ја знаат вистината за оваа средба, напиша Реџепи Зејд на социјалните мрежи.
Зејд во јуни минатата година ја напушти матичната партија Алтернатива и стана независен пратеник. Алтернатива пред еден месец излезе од владината коалиција и веќе делува како опозиција на политичката сцена. На најзино место во Владата се приклучи Алијанса за Албанците која доби три министерски места.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа