Гаши и Колумбиа разговараа за Целите за одржлив развој
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја прими денеска новата постојана координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Рита Колумбиа, со која разговараа за имплементацијата на Целите за одржлив развој за земјава, под покровителство на светската организација, како и за Националната развојна стратегија.
Од двете страни беше искажано задоволство од досегашната соработка меѓу Собранието на Северна Македонија и Канцеларијата на ОН, со очекување за поинтензивна комуникација во наредниот период и за зајакнување на поддршката за земјава за развојни проекти.
Постојаната координаторка Колумбиа ја нагласи клучната улога на парламентите во исполнувањето на Целите за одржлив развој и на Националната развојна стратегија, по што беше реафирмирана заложбата за формирање неформална група за одржлив развој во Собранието.
Претседателот Гаши упати на можноста да се организира брифинг за новите пратеници за улогата на парламентите во постигнувањето на Целите за одржлив развој.
Тој изрази благодарност до агенциите на Обединетите нации за активностите што ги спроведуваат во земјава во областа на доброто владеење, социјалната инклузија, заштитата на животната средина, климатските промени, вработувањето, родовата еднаквост, рамномерниот регионален развој и слично.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа