Француските затвори, според најновите податоци, имаат 90.020 затвореници, што е нов рекорд, покажува официјалната статистика на Министерството за правда.
Фигаро пренесува дека во споредба со претходната година бројот на затвореници е зголемен за 6,8 проценти, додека бројот на оперативни места на 1 септември изнесувал 63.348.
Бројот на душеци на подот, поради недостаток на кревети, достигнал 8.347, што е зголемување од 51 процент во споредба со минатата година.
Пополнетоста на затворите достигна 176 проценти во притворите, во кои се чуваат лица осудени на кратки казни или кои чекаат судење и затоа се сметаат за невини.
Вкупната стапка на пренатрупаност изнесува 142 проценти.
Претходно годинава, Советот на Европа ги осуди условите во француските затвори, предупредувајќи во извештај за ризикот тие да станат „човечки магацини“. Посебно беа потенцирани пренатрупаноста, нехигиенските услови и насилството во затворите.
Министерството за правда има намера да отвори дополнителни 3.000 места во модуларните затвори, што се сметаат за поевтини и побрзи за изградба.
Според податоците на Советот на Европа, Франција и Турција имаат најпреполни затвори, бидејќи во двете земји на секои 100 расположиви места има 131 затворено лице.
По нив следуваат Хрватска со 123 места и Италија со 121 место.


