Францускиот претседател Емануел Макрон најави итен пакет поддршка за либанската армија, во обид да ја стабилизира земјата која е под силен притисок поради ескалацијата на Блискиот Исток. Помошта вклучува оклопни транспортни возила, оперативна и логистичка поддршка, како и значителни количини медицински материјали за цивилите раселени од јужните делови на Либан.

Одлуката на Елисејската палата доаѓа по директното барање на првиот човек на либанската војска, Жозеф Аун, кој побара интервенција од Париз за да се намалат цивилните жртви и да се сопре израелската кампања на бомбардирање.

Макрон упати сериозно предупредување до израелските власти:

„Мора да се направи сè за да се спречи оваа земја, толку блиску до Франција, повторно да биде вовлечена во војна. Либанците, како и сите на Блискиот Исток, имаат право на мир и безбедност.“

Францускиот претседател нагласи дека проширувањето на воените дејствија врз либанска територија би било катастрофално и повика на максимална воздржаност од сите инволвирани страни. Франција, која одржува длабоки историски врски со Либан, со овој потег се обидува да ја зајакне единствената државна институција што може да спречи целосен колапс на земјата – нејзината армија.

Exit mobile version