Српската пејачка Маријана Томиќ почина на 39-годишна возраст по тешка болест. Веста за нејзината смрт беше објавена на Фејсбук страницата „Музички легенди на Зрењанин“, каде што нејзините колеги ѝ упатија последно збогување. Маријана почина во саботата, на 27 јуни, само еден ден пред својот 40-ти роденден.
Пејачката од Зрењанин со години настапувала на бројни прослави, а оние што ја познавале ја паметат по нејзиниот препознатлив глас, насмевка и ведар дух.
„Со голема тага ја примивме веста дека нашата колешка, пејачката Маријана Томиќ, нè напушти. Со својот глас, насмевка и весел дух со години разубавуваше многу прослави и остави трага во животите на луѓето кои имаа среќа да ја познаваат. Нејзината љубов кон музиката беше искрена и несебична. Фактот што нè напушти само еден ден пред нејзиниот 40-ти роденден е особено болен. Болеста, за жал, беше посилна, но таа засекогаш ќе остане дел од музичкото семејство на Зрењанин“, стои во објавата.


