Со свечено палење на празничните светилки вечерва, во 18 часот, во центарот на Скопје, официјално започнува новогодишната и божиќната прослава во главниот град.

Град Скопје најави дека празничната магија се враќа на плоштадот „Македонија“ со богата програма, украсен амбиент и изненадувања наменети за сите генерации. Рано утринава на плоштадот може да се забележи дека подготовките за вечерниот настан веќе се започнати.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски упати јавна покана до сите скопјани да присуствуваат на заедничкото палење на светилките, закажано за денеска.
Во својата порака, градоначалникот истакна дека празничниот период е време кога градот треба да зрачи со радост и заедништво:
„Нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. Сите ние ја заслужуваме таа топлина што ја носат празниците. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите.“
Со овој настан, Скопје го означува почетокот на празничната сезона во пресрет на новогодишните и божиќните празници.