Екипите на Град Скопје во текот на ноќта и раните утрински часови реализираа акција за расчистување на отпадот околу стадионот и во Градскиот парк, по завршувањето на прославата за Денот на независноста, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој преку својот профил на социјалните мрежи упати благодарност до сите комунални работници кои учествуваа во теренските активности.

„По ноќта исполнета со музика, радост и илјадници граѓани кои ја славеа независноста на Македонија, грижата за Скопје продолжи до раните утрински часови. Веднаш по завршувањето на светскиот спектакл, екипите на Град Скопје започнаа со расчистување на отпадот околу стадионот и во Градскиот парк. Со многу труд и посветеност, се погрижија зад големата прослава да останат убавите спомени, а утрово просторот повторно да биде чист и уреден“, порача Ѓорѓиевски.

Градоначалникот истакна дека ангажманот на теренските работници заслужува почит од сите граѓани.

„Упатувам искрена благодарност до секој работник кој ноќта ја помина на терен. Нивниот труд, честопати далеку од вниманието на јавноста, заслужува почит од сите нас. За нас, крајот на еден настан никогаш не е крај на обврската кон градот. Грижата за Скопје не запира!“, додаде тој во својата објава.

Exit mobile version