Претседателот на СДСМ Венко Филипче повторно ја обвини Владата дека земјоделците се оставени сами, без сигурен откуп и со, како што рече, понижувачки цени за нивните производи. Тој тврди дека државата нема навремени интервентни мерки, а дел од произведеното грозје останува непродадено.
Филипче вели дека лозарите цела година вложуваат во производство, а на крајот се соочуваат со проблеми со пласманот и цени кои не ги покриваат трошоците. СДСМ претходно побара интервентен откуп на непродаденото црно грозје и повисоки откупни цени.
Од Владата, пак, тврдат дека откупот се одвива непречено. Министерот за земјоделство Борче Серафимовски неделава соопшти дека повеќе од 54 милиони килограми грозје веќе биле преземени од домашните винарии или пласирани на странските пазари.


