Власта ја троши иднината на младите додека младите ги пакуваат куферите и се иселуваат, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес – конференција. Филипче посочи дека Владата на ВМРО за две години не воведе никакви мерки за да ги задржи младите во државата.
„Младите се целосно запоставени. Никој не води грижа за нив. Нема програми за вработување, нема подршка за нивното стамбено прашање да се реши,едноставно нема визија за тоа како младите се задржат во земјата и затоа масовно ја напуштаат земјата“, рече Филипче.
Тој додаде дека оваа власт им ја одзема и последната надеж на младите дека тука во својата татковина може да напредуваат и да градат кариера.
„Оваа власт им ја одзеде надежта на младите генерации дека во земјава ќе може добро и квалитетно да се живее, тука дома, кај што треба да живеат и да го градат животот. За жал не е така“, рече Филипче.
Воедно, Филипче посочи дека за две години наместо реален економски развој и повисоки плати, власта единствено ги зголеми догловите, што е дополнителна причина за иселувањето на младите.
„Падна животниот стандард, сиромаштијата е во пораст, луѓето, посебно младите, се повеќе се иселуваат. Цените во маркетите растат без контрола. Ова власт после зголемувањето на цените на енергенсите, на горивата, не направи ништо да го спречи растот на цените. За само за само две години од 8,5 милијарди евра јавниот долг порасна на скоро 11 милијарди евра.Имаме празен буџет, немаме развојни програми, немаме поддршка на компаниите, само нови кредити кои што ќе ги враќаат следните кој знае колку генерации“, рече Филипче.


