Страста и мотивот кај мене е подобар живот за луѓето и иднина за државата, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју во емисијата „Вин-Вин“, на телевизија Телма. Филипче, истакна дека неговата мотивација за политичкиот ангажман произлегува од длабокото уверување дека преку политиката може да се менува општеството и да се обезбедат подобри услови за живот за граѓаните.
„Страста е успех односно победа и тогаш ја споделувам со сите мои соборци како во операционата сала така и сега со еден огромен број на луѓе со кои што заедно ја водиме ова политичка битка“, рече Филипче.
Тој нагласи дека политиката ја гледа како можност преку која може да се создадат суштински промени што ќе ги почувствуваат голем број граѓани и ќе придонесат за развојот на државата.
„Страста, мотивот, желбата да се работи, оваа работа практично лежи во моето длабоко верување дека политиката дава механизми да се влијае на општеството и да резултатите од таа работа ги почувствуваат многу голем број на луѓе. Ако во мојата работа во неврохирургијата, во медицината, резултатите ги гледаме веднаш, тогаш за ова е потребно повеќе време, меѓутоа навистина може да се влијае на огромен број на луѓе“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на својата визија за иднината на државата, Филипче посочи дека крајната цел на политичкото дејствување мора да биде подобар квалитет на живот за граѓаните и создавање перспективи што ќе ги задржат младите во земјата.
„Да се постигне тоа што јас сметам дека е главната цел на оваа работа, а тоа е да се подигне квалитетот на живеењето на луѓето, да се унапреди државата. Посебно мојата генерација на луѓе кои што повеќе децении огромен број заминаа од државата, ќе кажам едни од најквалитетните веќе не се тука, ама ние верувавме дека може да не биде. Ние верувавме дека нашата земја да биде дел од развиениот свет, да не се разочаруваме кога се враќаме дома“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.


