Прашањето за ЕУ веќе не е прашање на обична политика, на власт или опозиција, тоа е прашање за иднината на државата, на народот, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во централниот дневник на МТВ 1. Филипче предупреди дека застојот во евроинтеграциите претставува сериозен ризик за иднината на државата и граѓаните.
“Ова е иднината на народот кој што утре, за некоја деценија може да го нема. Пола Македонци ќе земат бугарски пасоши, ќе се иселат, ќе ги користат бенефитите на Европската Унија. Ние и сега сме помалку од милион и пол луѓе тука кои што останаа да живеат во државата. Сериозно е ова прашање.Прашањето за ЕУ веќе не е прашање на обична политика, на власт или опозиција, тоа е прашање за иднината на државата“, рече Филипче.
Во интервјуто Филипче ја повика власта да одговори како со процесот на евроинтеграции се загрозуваат идентитетските прашања.
„Како уште еднаш прашувам, со тој чекор се загрозуваат некои од идентитетските одредници? Еве нека излезе премиерот нека каже, нека излезат, нека кажат. Ние за луѓето, за Македонците во Бугарија можеме повеќе да се бориме кога ќе станеме земја-членка на Европската Унија. Како можеме да се бориме од надвор. Посилни се сите земји членки, си имаат свои правила, ние да станеме земја членка ќе се бориме за секои малцинства. И тоа е еден многу важен момент“, рече Филипче.

