Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, преку објава на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер) прогласи политичка победа на неговата партија, тврдејќи дека најавеното одложување на промените во Министерството за внатрешни работи од страна на премиерот Христијан Мицкоски и министерот Панче Тошковски е резултат на притисокот од опозицијата.

Филипче информираше дека СДСМ веќе поднела иницијатива до Уставниот суд со цел да се блокираат законските решенија кои, според нив, водат кон директна партизација на полицијата.

„Со оваа одлука за одложување, Мицкоски и Тошковски всушност признаваат дека не можат да го протнат законот без да предизвикаат огромен отпор и без да имаат правна основа. Ова е победа на СДСМ за сите граѓани на Македонија и за професионалците во полицијата, победа на стручноста и професионализмот над политичката контрола“, напиша Филипче.

Во својата објава, тој упати остри обвинувања кон владејачката партија, користејќи квалификации дека полицијата не смее да служи на „криминалната група ВМРО“ и на „шефот на мафијата Мицкоски“ за заштита на корупцијата.

На крајот од своето обраќање, лидерот на СДСМ им честиташе на сите чесни полицајци, порачувајќи дека граѓаните и институциите нема да дозволат МВР да се претвори во партиска полиција, и најави враќање на власта во рацете на народот.

Exit mobile version