Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за МТВ остро реагираше на однесувањето на новиот јавен обвинител, посочувајќи дека постапува по директни политички насоки од премиерот Христијан Мицкоски и дека се врши опасна партизација на правосудниот систем.
„Не може да сфатам како може обвинителот да извршува така брутално, јавно насоки од премиерот. Нема друго објаснување,“ истакна Филипче.
Тој посочи дека серија одлуки во обвинителството укажуваат на системско влијание и обид за контрола на правдата.
„Зошто се одземаат предмети од обвинители професионалци, зошто не им се продолжуваат мандати, зошто се тргаат луѓе кои работеле на предмети за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ? Тоа се предмети за незаконско финансирање на партијата, за напади врз политичари, за рушењето на Космос, за прислушкувањето, за набавката на опрема…Ова што сега се воспоставува во судскиот систем значи враќање на времето кога судството и обвинителството функционираа под политичка контрола. Не се објаснува ова – ова е директен диктат на премиерот.“ рече Филипче.
Тој предупреди дека партизацијата не е изолиран случај, туку дел од поширок модел.
„Партиски луѓе се поставуваат во Судски совет, во регулаторни тела, во Развојна банка… Зошто обвинителството би било исклучок? Епа видовме дека не е.“ рече Филипче.
Филипче заклучи дека ваквото однесување директно ја руши довербата во институциите и ја оттурнува државата од европскиот пат.
„Мора да престане бруталната партизација. Луѓето не го сакаат тоа. Младите заминуваат затоа што нема систем, нема фер шанса, туку корумпирано судство кое се контролира како марионета.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

