Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција ги отфрли шпекулациите за раскол во партијата, потенцирајќи дека изјавата на поранешниот претседател Стево Пендаровски е злоупотребена од провладините медиуми. Тој ја искористи приликата директно да го обвини премиерот Христијан Мицкоски за национално предавство и водење на најкоруптивната Влада досега.

Осврнувајќи се на наводните партиски поделби, Филипче посочи:

„Интересно е зошто прашањето доаѓа сега, а изјавата е од пред неколку недели. А и таа изјава е извадена од контекст. Претседателот Пендаровски, напротив, дава максимална поддршка во тоа што го правиме, го работиме во партијата. Изминатите денови тоа е резултат на една силна кампања на провладините про ВМРО-вски медиуми, би рекол агитатори, не новинари кои што вадат од контекст и ја напаѓаат партијата.“

Тој директно ги поврза овие медиумски напади со страв во редовите на владејачката партија поради најновите испитувања на јавното мислење.

„Прават сè и се занимаваат само со СДСМ, а кажуваат дека партијата е мртва. Ако е така, зошто 90 проценти од црната кампања на провладините медиуми е против нас и против мене лично? Разликата помеѓу нас и нив, а тие резултати не ги објавуваат… сега е падната на еден према 1,25. Затоа тие се во паника, зашто ова е најлошата и најкоруптивната Влада што некогаш ја водела оваа држава.“

Филипче жестоко одговори и на изјавите на премиерот Мицкоски околу евроинтеграциите, обвинувајќи го дека токму тој работи против државните интереси.

„Еве нека излезе премиерот и нека објасни што е коленичење, што е предавство на македонските национални интереси… Христијан Мицкоски прави национално предавство на македонските национални интереси затоа што одработува за странски држави, за Унгарија, којашто јавно и јасно е оценета од ЕУ дека е соработник на Русија, а Русија нема интерес овој дел од Балканот да се интегрира во Европа.“

Exit mobile version