Уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот не претставуваат ризик ниту за македонскиот идентитет, ниту за јазикот, културата и историјата, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче, и покрај, како што вели, советите дека оваа тема му штети на неговиот и на партискиот рејтинг.
Филипче вели дека Македонија веќе има седум заедници во Уставот и дека додавањето уште неколку нема суштински да промени ништо, а уставните измени ги гледа како дел од договорот за продолжување на евроинтеграциите. Неговиот став дека уставните измени не претставуваат закана за идентитетските одредници е позиција што ја застапува и во претходните јавни настапи.
Тој признава дека во текот на преговорите може да има обиди од бугарска страна за отворање прашања поврзани со историската комисија, но смета дека задачата на политиката е тие ризици да се избегнат, а земјата да ги искористи придобивките од членството.
Според Филипче, целта е Македонија да добие пристап до европските фондови и подобар животен стандард за граѓаните, притоа целосно штитејќи ги националните интереси, јазикот, културата, историјата и идентитетот.


