„Фајзер“, „Спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбрзо

Граѓаните на Србија развија имунитет најбрзо со ковид-вакцината на „Фајзер“ и тоа две недели по првата вакцина, што е за нијанса побавно со „спутник“. На кинеската вакцина и е потребно повеќе време додека да се создадат антитела, особено кај луѓе постари од 70 години и особено кај мажи.

Резултатите од анализата за тоа колкав е имунитет на Ковид-19 преку вакцинација и се познати на јавноста благодарение на научниците од Институтот за примена на нуклеарната енергија (ИНЕП). Досега се анализирани над 10.000 примероци на вакцинирани лица со употреба на сите моментално достапни вакцини во Србија. Проучени се примероци на граѓани на возраст од 20 до 95 години.

Според Марија Гњатовиќ од ИНЕП, идејата била да се испита еден аспект на имунолошкиот одговор (антитела), со цел да се добие увид во кинетиката на создавање заштита по имунизацијата со употреба на вакцини засновани на различни технологии, од класична до РНК технологија.

Врз основа на следењето на примерок кога станува збор за вакцината на „Фајзер“, повеќе од 85 проценти од вакцинираните развиваат специфичен одговор на антитела веќе две недели по првата доза. По втората доза, над 95 проценти од испитаниците имале мерливи вредности на антитела. Кога станува збор за разликата во производството на антитела во однос на возраста, истражувањата покажаа дека нема значителна разлика во нивото на антитела. Антителата остануваат во циркулација неколку месеци по примање на двете дози на вакцината без значителна тенденција на намалување на концентрацијата на антитела.

Вакцината „спутник В“, исто така, дава добар серолошки (антитело) одговор кај сите возрасни групи. Кај повеќето вакцинирани лица, мерливите количини на антитела се јавуваат околу три недели по првата доза, додека процентот на вакцинирани лица со позитивен тест за антитела по втората доза е поголем од 92 проценти.

Вакцината произведена од „Синофарм“ нешто подоцна создава одговор во однос на вакцините од модерната технологија. Така, првите мерливи вредности на антитела се појавуваат најрано околу две недели по втората доза на вакцината. Граѓаните до 65-годишна возраст во голема мера развиваат специфични антитела по примањето на вакцината на „Синофарм“, а процентот на серопозитивни во таа група на испитаници е поголем од 90 проценти. Нешто побрзо намалување на вредноста на концентрацијата на антитела во вакцинираните примероци од крв е забележано во однос на другите вакцини, како што велат во ИНЕП, што не значи дека се губи целокупната заштита.

Сепак, постои јасна разлика во одговорот на употребата на вакцината „Синофарм“ во различни возрасни групи. Значително послаб одговор на антитела е забележан кај лица постари од 65 години, особено во групата постари од 70 години, имено кај мажи, со честа појава на целосно отсуство на специфични антитела во циркулацијата.

Инфекциите се можни, но ретки, поблаги и без смртни случаи.

Јасна е разликата помеѓу вакцинираните и оние кои не ја примиле вакцината. И таа е клучна. Грубо кажано, можат да се разболат и вакцинираните, но нивниот ковид е поблаг и нема смртен исход.

Според Гњатовиќ, забележано е дека инфекциите се можни по примената на сите видови вакцини.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.04.2021 - 10:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега