Компанијата Meta воведе нов систем за верификација на идентитетот на Facebook, кој има за цел да им помогне на корисниците полесно да ги препознаваат вистинските профили.
Новата значка е целосно бесплатна, а за нејзино добивање корисниците ќе треба да поминат процес на верификација со помош на видео селфи.
Според информациите од компанијата, процесот трае неколку минути, при што системот користи технологија за препознавање лица и го споредува видеото со постоечките фотографии на профилот.
За да ја добие новата значка, корисникот мора да има најмалку 18 години и неговата сметка мора да ги исполнува упатствата и правилата на заедницата.
По успешната верификација, значката ќе се прикажува во неколку делови од платформата, вклучувајќи ги Marketplace, Dating и останатите услуги.
Од Meta нагласуваат дека оваа значка е само потврда за идентитетот на сопственикот, а не гаранција за безбедност, со што се прави јасна разлика од платената услуга Meta Verified.
Воведувањето на оваа функција доаѓа во период на зачестени онлајн измами преку профили генерирани со вештачка интелигенција.
Новата верификација нема да биде достапна за Facebook страници и ProMode сметки, а нејзиното постепено воведување започнува од понеделник на одредени пазари, по што ќе се прошири глобално.
Паралелно со ова, Meta тестира и нов видео преглед на цел екран при отворање на апликацијата, со опција корисниците да се вратат на класичниот изглед.


