Еврото најсилно во однос на доларот по три години
Еврото продолжува да расте во однос на американскиот долар и денес ја достигна својата највисока вредност по три години.
Според податоците на берзата, еврото денеска во 10.10 часот се продаваше за 1,13556 долар, што е највисока вредност на европската валута од крајот на февруари 2022 година.
На крајот од тековната трговска недела еврото би можело кумулативно да се зголеми дури 3,5 отсто во споредба со американската валута бидејќи бурните настани во врска со царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп уште еднаш ги поттикнаа стравувањата од рецесија и ја поткопаа довербата на инвеститорите во САД, пренесува Trading Economics.
Претходно оваа недела, претседателот Доналд Трамп објави 90-дневна суспензија на реципрочните царини за да се овозможат преговори, а ЕУ одговори со суспендирање на сопствените царини за американските стоки.
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека потегот на Трамп претставува само кревка пауза предупредувајќи дека деловната доверба ќе продолжи да биде под притисок.
ЕУ исто така повтори дека нема да ја промени својата дигитална регулаторна рамка како услов за каков било трговски договор со САД, објавија медиумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа