Лидерите на Германија, Франција и Британија ги поздравија напорите на САД за ставање крај на војната во Украина, но нагласија дека секој договор што ја засега Европа мора да ги вклучи европските партнери. Тие ги истакнаа острите несогласувања со мировниот план на Вашингтон од 28 точки, пренесе ДПА.
Во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц го поздравија настојувањето на администрацијата на Трамп да посредува за ставање крај на конфликтот, соопшти портпарол на германската влада.
Истовремено, тројцата лидери потенцираа дека „секој договор што ги засега европските држави, Европската унија или НАТО бара одобрение од европските партнери или консензус меѓу сојузниците“, стои во писмената изјава објавена по разговорот.
Четворицата лидери ветија дека ќе продолжат да ја следат целта за долгорочно зачувување на „виталните европски и украински интереси“, меѓу кои е и барањето за прекин на огнот по тековните линии на фронтот како предуслов за мировни преговори.
Дополнително, тие истакнаа дека украинските вооружени сили мора да останат способни ефикасно да го бранат суверенитетот на земјата.
Овој став се разликува од американскиот план од 28 точки, кој беше објавен претходно неделава. Нацртот, за кој Русија соопшти дека не била консултирана, содржи повеќе од барањата на Москва, меѓу кои територијални отстапки и забрана за Украина да влезе во НАТО. Планот, исто така, бара Украина да ги повлече своите трупи од делови на Луганск и Доњецк што моментално ги контролира.
Украина и нејзините европски сојузници доследно ги отфрлаат територијалните отстапки и инсистираат на прекин на огнот по постојните линии на фронтот – предлог што Москва го отфрла.
Зеленски на социјалните мрежи соопшти дека разговарал со Макрон, Стармер и Мерц, благодарејќи им за нивната „принципиелна поддршка за Украина и за целиот украински народ“.
– Разговаравме за планот за мир за Украина и цела Европа. Ги цениме напорите на САД, претседателот Трамп и неговиот тим, насочени кон ставање крај на оваа војна. Работиме на документот подготвен од американската страна. Ова мора да биде план што обезбедува вистински и достоинствен мир, информира Зеленски.
– Тесно се координираме за да се осигураме дека принципиелните ставови се земени предвид. Ги координиравме следните чекори и се договоривме нашите тимови да работат заедно на соодветни нивоа, додаде тој.

